Dmitri Chirciu
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, истакна дека Русија, Турција и Катар се согласија за водење борба против сепаратистичките иницијативи во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавров се обрати на заедничката прес-конференција по трилатералниот состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Русија и Катар, кој се одржа во катарскиот главен град Доха.
Рускиот министер нагласи дека за првпат на ниво на министри за надворешни работи на Русија, Турција и Катар се состанале во врска со сириското прашање.
Според него, на состанокот нагласиле оти ова прашање треба да се реши преку политички пат во рамки на Резолуцијата 2.254 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Лавров рече дека имаат заеднички став во насока на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија, укажувајќи на важноста за осигурување хуманитарна помош за Сиријците.
Тој истакна дека во рамки на состанокот потпишале заедничка декларација, во која, како што рече, се истакнати целите на Русија, Турција и Катар во врска со Сирија.
„Русија, Турција и Катар се согласија за водење борба против тероризмот и против сепаратистичките иницијативи кои се закана за територијалниот интегритет на Сирија, како и за безбедноста на соседните земји“, рече тој.
Лавров нагласи дека во декларацијата укажале на важноста на Уставниот комитет на Сирија, додавајќи дека се подготвени да го поддржат овој комитет.
Шефот на руската дипломатија истакна дека Русија, Турција и Катар ќе поднесат иницијатива за осигурување на безбедното враќање на сириските бегалци во Сирија.
„Нагласивме дека сме заинтересирани за поддржување на иницијативите во врска со зајакнувањето на довербата помеѓу страните во Сирија“, додаде тој.
Лавров истакна дека и во иднина ќе одржат средби, при што рече: „Нашите заеднички трилатерални контакти ќе бидат дополнително корисни за Форматот на Астана.“
Министерот за надворешни работи на Русија нагласи дека ја поздравуваат желбата на Катар за давање придонес во решавање на сириското прашање.