Meltem Bulur,Zuhal Demirci,Tuğçenur Yılmaz
14 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
МОСКВА / АНКАРА (AA) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека знае оти Соединетите Американски Држави (САД) имаат намера да формираат база во Сирија и дека тие применуваат различни методи за отворање на пат кон распад на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров, на заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по повод 6. состанок на Заедничката група за стратешко планирање на Русија и Турција истакна:
„Знам дека САД имаат намера да формираат воена база во Сирија. Сигурен сум дека сакаат да отворат пат за распад на оваа земја и затоа прибегнуваат кон различни методи. Се подготвуваат различни провокации“, рече Лавров.
Тој, исто така, рече дека Вашингтон, кој постојано тврди дека го почитува територијалниот интегритет на Сирија, тоа да го докаже со дела, а не само да остане на зборови.
Турскиот министер Чавушоглу рече дека САД има статус на набљудувач во текот на преговорите во Астана и дека на тој начин имал можност да види што се случува таму.
„Со САД немаме механизам во формат на Астана. Постои разбирање и ние ги продолжуваме преговорите околу воспоставувањето на безбедноста во Мунбиџ и во регионите под контрола на ЈПГ, односно, излегувањето на ЈПГ од овие региони“, рече Чавушоглу.
Потсети и на тоа дека меѓу Турција и САД е формирана и една работна група, чиј прв состанок е одржан минатата седмица.
„Требаше да биде одржан и состанок на 19 март во Вашингтон, но можно е дека тој ќе биде откажан со оглед на тоа што дојде до смена на Рекс Тилерсон, шефот на Стејт Департментот“, рече Чавушоглу.