Ata Ufuk Şeker
14 Март 2018•Ажурирај: 15 Март 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија го одобри активирањето на додатен фонд во износ од три милијарди евра за помош за сириските бегалци во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на Комисијата задолжен за миграции, Димитрис Аврамопулос, денес во Брисел изјави дека Европската Унија, во согласност со дадените ветувања кон крајот на минатата година, потпишала договори за реализација на првата транша за помош за бегалците од три милијарди.
„ЕУ се однесуваше во согласност со дадените ветувања. Европската комисија денес активира додатен фонд за другата транша во износ од три милијарди евра за помош за сириските бегалци во Турција“, изјави Аврамопулос,
Аврамопулос, понатаму изјави дека третина од другата транша ќе биде обезбедена од буџетот на Унијата, а две третини од членките на Унијата.
Истакнувајќи дека со реализираната прва транша ќе биде обезбедено образование на половина милион сириски деца и месечни примања за 1,2 милиони сириски бегалци, Аврамопулос изјави дека таа пракса треба да се продолжи.
„Соработката на ЕУ со Турција е многу важна за решавање на заедничките проблеми. Договорот за решавање на бегалската криза даде позитивни резултати и ЕУ и Турција треба да го продолжат. Бележиме напредок во односите и тоа е во заемен интерес“, порача Аврамопулос.
На Самитот на лидерите на ЕУ и Турција во ноември 2015 година, официјален Брисел вети дека до крајот на 2017 година ќе обезбеди три милијарди евра за помош за сириските бегалци во Турција. Дополнително е договорено ЕУ да обезбеди додатна транша во износ од, исто така, три милијарди евра, а сите тие средства да бидат вложени во проекти за помош за сириските бегалци во образованието, инфраструктурата, здравството и во другите области.
Турција неретко ја обвинува ЕУ за недоволно брзо праќање помош за бегалците кои се згрижени во таа земја.
Најмалку 3,5 милиони бегалци се згрижени во Турција, а половина од таа популација се деца. Како земја со најголем број згрижени бегалци, Турција за потребите на таа популација потроши речиси 30 милијарди долари, вклучувајќи ги и средствата на локалните власти и невладиниот сектор.
Новиот Самит на лидери на Турција и ЕУ е најавен за 26 март во бугарскиот град Варна, а ЕУ ја активира траншата за помош за бегалците на само две недели во пресрет на тој собир.