Şenhan Bolelli
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ЛА ПАЛМА
Лавата од вулканот Кумбре Виеха, кој е активен од 19 септември во Ла Палма, група Канарски Острови во југозападна Шпанија, 10 дена подоцна почна да се истура во Атлантскиот Океан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавата, која ги преврти столбовите за електрична енергија и го премина крајбрежниот автопат, стигна до областа околу плажата Лос Гирес во 23:03 по локално време и се слеа во морето од височина од околу 100 метри.
Експертите наведоа дека контактот на лавата која има температура над 1.100 степени Целзиусови со морска вода со околу 20 степени Целзиусови може да создаде хемиска реакција и да испушти токсични гасови.
Властите во регионот препорачуваат да се остане најмалку 3,5 километри од местото каде што лавата се излева во морето.
Се наведува дека лавата може да предизвика сериозна еколошка штета, како и целосно уништување на плажата каде што се истури.
Лавата од експлозиите на вулканите Сан Хуан во 1949 година и Тенегија во 1971 година во Ла Палма стигнала до морето по околу два месеци, додека 50 милиони кубни метри лава од Кумбре Виеха до морето стигна за 10 дена.
Исто така, се потсетува дека единственото лице кое почина во вулканската ерупција во Тенегија пред 50 години почина како резултат на труење со гас.
Од друга страна, соопштено е дека во регионот продолжуваат земјотресите и дека 29 потреси помеѓу 2 и 3 степени според Рихтеровата скала се регистрирани на 28 септември.
Локалните власти и вулканолозите во регионот истакнаа дека и покрај сѐ, ерупциите во вулканот се во нормален процес и дека ситуацијата не е таква за да предизвика паника.
Лавата од Кумбре Виеха, првиот вулкан што стана активен по 50 години на островот Ла Палма, уништи 686 станбени објекти, а површина од 300 хектари е покриена со лава. Исто така, досега пат долг од 24 километри стана неупотреблив.
br
br