Ekipa
05 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Австрискиот премиер Себастијан Курц ја повика Европската Унија (ЕУ) да ги намали трошоците и бројот на членовите во извршното тело на ЕУ, и тоа во момент кога неговата земја се подготвува да го преземе шестмесечното претседавање со европскиот блок, пренесува Anadolu Agency (AA).
Австрија е една од земјите која се спротистави на зголемувањето на буџетот на ЕУ. Брисел сака да го усвои договорот за потрошувачка за период од 2021 до 2027 година пред изборите за Европскиот парламент во мај следната година.
Курц денес за германскиот весник „Die Welt“ нагласи дека Брисел би требало да стане добар пример и да ги намали административните трошоци. Тој предложи бројот на членовите во Европската комисија да се намали од 28 на 18, со принцип „фер ротација“, бидејќи според него, телото на извршните власти би станало поефикасно.
Курц, исто така, се залага за укинување на едно од седиштата на Европскиот парламент, иако нагласи дека е тешко да се очекува оти Франција ќе се откаже од Стразбур како едно од седиштата. Моментално седниците на Европскиот парламент се одржуваат во Стразбур, додека подготовките на законите, седниците на одборот, додатните пленарни седници се одржуваат во Брисел. Генералниот секретаријат на Европскиот парламент се наоѓа во Луксембург.