Ruslan Rehimov
29 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, истакна дека на состанокот на руско-украинските делегации што ќе се одржи во Истанбул, нивните минимални барања ќе бидат решавање на хуманитарните проблеми, а нивното максимално барање ќе биде прекин на огнот и одржлив договор за тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи на Украина, Кулеба во изјавата на заедничката емисија на локалните телевизии ги оцени руско-украинските преговори што ќе се одржат во Истанбул.
„Нашиот претседател на нашата делегација ѝ даде многу јасни инструкции. Ние нема да преговараме за луѓе, земја и суверенитетот. Нашата позиција е цврста како бетон и добива сила од меѓународното право, Украинската армија, меѓународните санкции против Русија и оружјето што е префрлено и се префрла во Украина за наша одбрана“, истакна Кулеба.
Осврнувајќи се на клучните барања на украинската страна, Кулеба рече: „Нашето минимално барање во преговорите во Турција ќе биде решавање на хуманитарните проблеми, а наше максимално барање ќе биде прекин на огнот и одржлив договор за тоа.“
Кулеба, исто така, додаде дека на преговорите во Турција нема да се разговара за референдумското прашање и дека тоа е внатрешно прашање на Украина.
Состанокот на руско-украинските преговарачки делегации ќе се одржи во претседателската палата Долмабахче.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин на телефонски разговор се договорија следниот состанок на преговарачките тимови на Русија и Украина да се одржи во Истанбул.