Burç Eruygur
04 Јануари 2023•Ажурирај: 05 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ се очекува наскоро да бидат распоредени во Украина, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во брифинг емитуван на фејсбук-страницата на украинското Министерство за надворешни работи, Кулеба рече дека подготовките за трансфер на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ се веќе започнати.
На 21 декември, американскиот претседател Џо Бајден најави пакет воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, вклучувајќи го и системот за противвоздушна одбрана „Патриот“. Тоа беше објавено за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Белата куќа.
Неколку дена подоцна, украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека Киев ќе добие нов пакет воена помош од 2,2 милијарди долари од Вашингтон, додавајќи дека Украина очекува американскиот Конгрес да одобри уште еден пакет од речиси 45 милијарди долари, кој вклучува нови системи на ракетни фрлачи ХИМАРС и системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.