свет

Ксиомара Кастро положи заклетва и стана првата жена претседател на Хондурас

„Дваесет години борба и 12 години отпор. Денеска започнува народната влада“, рече Кастро

Laura Gamba Fadul  | 28.01.2022 - Обновена : 31.01.2022
Ксиомара Кастро положи заклетва и стана првата жена претседател на Хондурас

БОГОТА, Колумбија (АА) - Ксиомара Кастро положи заклетва како прва жена претседател на Хондурас, на церемонија на која присуствуваше и американската потпретседателка Камала Харис, која подоцна се сретна со Кастро за да разговараат за миграцијата и другите прашања помеѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Нашата врска со Хондурас е важна“, напиша Харис на Твитер пред пристигнувањето во централноамериканската земја.

Кастро (62), жена на поранешниот претседател Мануел Зелаја, кој беше соборен со пуч пред 12 години, ја презеде функцијата по убедливата победа во ноемвриските избори.

„Дваесет години борба и 12 години отпор. Денеска започнува народната влада“, рече Кастро.

За време на нејзината кампања, поранешната прва дама зборуваше против корупција и организиран криминал кои се инфилтрираа во владините структури во централноамериканската земја. Таа, исто така, предложи прогресивна агенда во земјата со длабоки конзервативни корени и вети дека ќе го легализира абортусот во некои случаи.

Но Кастро се соочи со голема криза пред да дојде на власт, откако неколку новоизбрани пратеници од нејзината левичарска партија Либре избраа свој конгресен лидер, отфрлајќи го нејзиниот избор. Тој чекор предизвика хаотични сцени во Конгресот и остави многумина во дилема дали таа ќе може да управува со земјата.

Во меѓувреме, претседателот Џо Бајден побара од Харис да ја види американската политика во Северниот Триаголник, регион во Централна Америка кој ги опфаќа Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, за да се справи со имиграцијата.

Рекордно ниво мигранти без документи од Хондурас пристигнуваат на границата бегајќи од сиромаштијата, корупцијата и насилството од криминалните групи во земјата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.