Halime Afra Aksoy
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
РАМАЛА (АА) – Критична е здравствената состојба на палестинскиот затвореник Халил Ававде (40), кој повеќе од два месеци штрајкува со глад во знак на протест поради административниот притвор во израелскиот затвор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Невладината организација „Клуб на палестински затвореници“ преку писмено соопштение наведе дека Ававде штрајкува со глад веќе 63 дена.
Во соопштението се нагласува дека Ававде се соочува со сериозни здравствени проблеми и дека пред неколку дена бил префрлен од затворот „Ремле“ во израелската болница „Асаф Харофех“.
Меѓу другото, се наведува дека и покрај критичната здравствена состојба на Ававде, израелските власти продолжиле да го одбиваат барањето за укинување на неговиот административен притвор.
„Клубот на палестинските затвореници“ во своето соопштение наведува дека е влошена здравствената состојба и на палестинскиот затвореник Раид Рејан (27), кој 28 дена штрајкува со глад во знак на протест поради административниот притвор.
Ававде, кој неколкупати беше приведен, последниот пат на 27 декември 2021 година, протестира против решението за административен притвор од шест месеци.
- Палестински затвореници во израелските затвори
Според палестински извори, во израелските затвори има околу 4.500 Палестинци.
Под изговор на „административен притвор“, Израел може да притвори Палестинци во период од еден до шест месеци.
Доколку се утврди дека притвореникот е „опасен за безбедноста на Израел“, воениот судија може да го продолжи притворот до пет години, дури и без да поднесе кривична пријава.