Alperen Aktaş
04 Март 2025•Ажурирај: 05 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Кремљ се согласува со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ѝ предизвикале на Русија „само неволја“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.
Зборувајќи пред новинарите во Москва, Песков нагласи дека евентуалното запирање на американската воена помош за Украина би можело да го охрабри Киев да се насочи кон мировен процес.
„Сите добро се сеќаваат дека за време на претходниот мандат на Трамп беа воведени многу санкции и започна испораката на оружје за Украина. Тоа навистина се случи и, во тој контекст, може само да се согласиме“, рече Песков, коментирајќи ги последните изјави на Трамп.
Трамп, зборувајќи на настан во Вашингтон, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин би потврдил дека ситуацијата „не била добра“ за Русија.
„Факт е дека сакам само правичност. Но, размислете, не ѝ дадов ништо на Русија освен неволја. Ѝ дадов санкции и проектили ‘Џавелин’. Тоа е сè што им дадов“, рече Трамп.
Песков истакна дека најдобриот придонес на САД кон мирот би бил да престанат да ја финансираат Украина.
Тој додаде дека Москва ги поздравува сите напори за решавање на конфликтот, вклучително и иницијативите од Белорусија.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко го разгледуваат украинското прашање при секоја нивна средба, а неодамна разговарале и телефонски во пресрет на посетата на Лукашенко на Русија.