Elena Teslova
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
МОСКВА
Соопштението на Пентагон за испраќање американски војници во Европа ја потврдува загриженоста на Русија за безбедноста, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Соединетите Американски Држави (САД) продолжуваат да ја ескалираат ситуацијата во Европа, и покрај бројните апели на Русија да престанат да го прават тоа“, изјави Песков за новинарите на дневниот брифинг во Москва.
„Да забележиме, во овој случај не зборуваме само за провокативни изјави, дека војната ќе дојде наскоро, дека сите ќе платат голема цена и така натаму, тука зборуваме за испраќање американски војници во европските земји во близина на нашите граници“, рече тој.
„Очигледно е дека тоа не се чекори насочени кон деескалација на тензиите, туку спротивно, нивните дејствија водат кон зголемување на тензиите“, истакна Песков.
„Во таква ситуација, загриженоста на Русија е апсолутно разбирлива, апсолутно оправдана, како и мерките кои раководството на земјата може да ги преземе за заштита“, додаде тој.
Во средата Пентагон најави трансфер на околу илјада американски војници од Германија во Романија, како и на уште две илјади повеќе од САД во Германија и Полска.
Минатиот декември, Русија на САД и НАТО им ги презентира своите барања за обезбедување безбедносни гаранции во Европа кои ги земаат предвид интересите на земјата.
На 27 јануари, по серија разговори, САД и НАТО своите писмени одговори на барањата ги предадоа на руското Министерство за надворешни работи.