Ekipa
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
МОСКВА (АА) - Од Кремљ истакнаа дека одбивањето на американскиот претседател Доналд Трамп да има официјален состанок со рускиот претседател Владимир Путин, не го вознемирило рускиот лидер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Двајцата лидери требаше да разговараат во рамките на неодамнешниот Самит Г20 во Буенос Аирес, но Трамп изненадно го откажа состанокот поради руското запленување на трите украински воени бродови и заробувањето на посадата.
Советникот на Путин за надворешни работи, Јури Ушаков, денес изјави дека рускиот лидер не се чувствувал навреден, но додаде дека Кремљ жали поради откажувањето во поглед на голем број прашања кои е неопходно да се дискутираат.
Ушаков изјави дека Трамп и Путин неформално разговарале 10-15 минути за време на вечерата на Самитот Г20 за поморскиот инцидент и ситуацијата во Украина.
Советникот на Путин на крајот истакна дека останува на Вашингтон да организира можен состанок во иднина.
„Руската страна е подготвена на дијалог и смета дека контактот на високо ниво е важен, но нема да ја молиме американската страна. Сега сѐ зависи од Американците“, нагласи Ушаков.