Elena Teslova
27 Март 2021•Ажурирај: 29 Март 2021
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека ниту Русија ниту Кина не ги користат вакцините против коронавирусот како алатки за наметнување влијание, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коментирајќи ги наводите на францускиот претседател Емануел Макрон, Песков изјави: „Изјавите на господинот Макрон спаѓаат во просторот на нашите апсолутни разлики.“
„Апсолутно не се согласуваме дека Русија или Кина водат некаква [вакцинска] војна и ја користат пандемијата на коронавирусот и проблемот со вакцини како алатка за [наметнување] влијание“, рече тој.
Во одделна изјава, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече исполитизирани коментарите на властите на ЕУ за руската вакцина „Спутник В“.
Говорејќи на прес-конференција во Москва, Захарова рече дека се надева дека таквиот став за вакцината „Спутник В“ нема да влијае на апликацијата на Русија за регистрација на вакцината кај Европската агенција за лекови (ЕМА).
„Ги забележавме јавните дискусии на одреден број претставници на Европската комисија, меѓу кои и еврокомесарот за внатрешниот пазар, Тјери Бретон, за немањето потреба за централизирани набавки на руската вакцина Спутник В од страна на Европската Унија. Тоа е исполитизиран пристап“, истакна Захарова и додаде:
„Се надевам дека ваквиот став кон Спутник В од страна на Европската комисија, всушност односот кон сопствените граѓани и кон решавањето на глобалниот проблем, нема да влијае на периодот за разгледување на апликацијата поднесена од Руската Федерација за регистрација на нејзината вакцина од страна на Европската агенција за лекови.“
На 4 март, ЕМА започна со евалуацијата дали руската вакцина е „компатибилна со вообичаените стандарди на ЕУ за ефикасност, безбедност и квалитет“.
ЕМА соопшти дека нејзината евалуација ќе трае сè додека Агенцијата не собере доволно докази за да издаде условно одобрение за ставање на вакцината во промет.
Доколку биде одобрена, таа ќе се произведува од германска компанија бидејќи Блокот бара производството да се одвива во земја членка на ЕУ.