Mahmoud Barakat
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
ДОХА (АА) - Саудиска Арабија денес соопшти дека коалицијата предводена од неа повторно ќе ги отвори јеменските пристаништа, неколку дена откако тие беа затворени поради нападот на бунтовничкото движење на Хусите со балистички ракети, јавува Anadolu Agency (AA).
„Првиот чекор во овој процес ќе биде преземен за помалку од 24 часа и вклучува повторно отворање на сите пристаништа во областите контролирани од јеменската меѓународно признаена влада“, соопшти саудиската мисија.
Овие пристаништа се наоѓаат во Аден, Моха и во Мукала, во јужен и западен Јемен.
Што се однесува до пристаништата во областите контролирани од бунтовниците, саудиската мисија соопшти дека побарала од ОН да испрати тим од експерти за да разговараат за начините за обезбедување сигурност дека оружјето не може да се шверцува.
Претходно овој месец, коалицијата предводена од Саудиска Арабија го затвори пристапот до пристаништето во Јемен по нападот со балистички проектили кон Ријад, од страна на бунтовниците Хуси. Коалицијата тврди дека затворањето било потребно за да се запре вооружувањето што стигнува до Хусите.
Илјадници Јеменци денес излегоа на улиците во Сана, во знак на протест поради затворањето на пристаништата во земјата од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија.
Демонстрациите започнаа еден ден откако бунтовниците Хуси се заканија дека ќе нападнат воени бродови и танкери на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, во знак на одмазда против блокадата.
Минатата недела Светската здравествена организација (WHO) предупреди дека затворањето на пристаништата во Јемен уште повеќе ќе ги загрози животите на цивилното население.
Осиромашениот Јемен е во граѓанска војна од 2014 година, кога бунтовниците Хуси го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучувајќи ја и престолнината Сана.
Конфликтот ескалираше кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа опсежна воздушна кампања во 2015 година, насочена кон промена на воените добивки на Хусите и зајакнување на владата на Јемен.