Ekipa
30 Март 2016•Ажурирај: 31 Март 2016
ЛАРНАКА (АА) – Денес судот на Кипар на египетскиот државјанин му одреди притвор од осум дена откатко вчера утрото грабна патнички авион на компанијата "EgyptAir" и го пренасочи кон Кипар, со закана дека ќе го разнесе со експлозивен појас, јавува Anadolu Agency (AA).
Кипарскиот обвинител Андреас Ламбриано, изјави дека осомничениот, кого властите го идентификуваа како 59-годишниот Сеид Един Мустафа, е обвинет за киднапирање, илегално поседување на експлозив и закана со насилство.
Ламбриано рече дека осомничениот ja прашал полицијата „што би требало да направи некој кој не ја видел жената и децата 24 години а египетската влада тоа не му го дозволува?”
Неименуван службеник од Канцеларијата на главни обвинители во Египет, изјави дека Мустафа немал забрана за патување, додека од министерството за внатрешни работи на Египет соопштено е дека Египќанецот имал криминално досие и во март 2015 година отслужил едногодишна затворска казна.
Авионот на компанијата "EgyptAir" на летот од Александрија кон Каиро, беше киднапиран вчера утрото околу 8 часот, а екипажот беше приморан да го приземји авионот во Ларнака на Кипар.
Откако беше потврдено грабнувањето, кипарските власти наведоа дека на пилотот му се заканувал патник со експлозив околу појасот. По повеќечасовните преговори со киднаперот, ослободени се сите патници а киднаперот се предаде.
Претседателот на Кипар, Никос Анастасиадис потврди дека грабнувањето на авионот нема врска со тероризмот, туку дека зад сето ова стојат лични мотиви.