Кинескиот претседател Си ќе биде домаќин на јужнокорејскиот претседател
Советникот за национална безбедност Ви Сунг-лак изјави дека Ли ќе пристигне во Пекинг во недела, ќе одржи состанок со Си во понеделник, а во вторник ќе отпатува за Шангај каде што ќе остане два дена
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја денес објави дека претседателот Ли Џе Мјунг ќе престојува во државна посета на Кина, каде што ќе се сретне со претседателот Си Ѓинпинг, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Советникот за национална безбедност Ви Сунг-лак изјави дека Ли ќе пристигне во Пекинг во недела, ќе одржи состанок со Си во понеделник, а во вторник ќе отпатува за Шангај каде што ќе остане два дена, објави новинската агенција „Јонхап“.
Пред посетата Ви рече дека Сеул „ја почитува политиката на една Кина и дејствува во согласност со таа позиција“.
За време на средбата со Си се очекува Ли да разговара за економската соработка и мировните напори на Корејскиот Полуостров и ќе побара улога на Пекинг во создавањето „пробив во решавањето на проблемите на Корејскиот Полуостров“, се вели во извештајот.
Ли ќе биде прв актуелен јужнокорејски претседател што ќе ја посети Кина од 2019 година.
Неговото патување доаѓа откако Си беше во тридневна државна посета на Јужна Кореја од 30 октомври до 1 ноември, каде што присуствуваше и на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во Гјонгџу.
Тоа беше првото патување на Си во Јужна Кореја по 11 години.
Кина и Јужна Кореја официјално воспоставија дипломатски односи во август 1992 година. Трговскиот обем меѓу двете земји достигна 267,6 милијарди долари во 2024 година.
