свет

Идентификацијата на жртвите може да трае неколку дена по пожарот во швајцарскиот ски-центар, соопштија властите

Сведоштвата, фотографиите и видеоснимките што кружат на социјалните мрежи укажуваат дека пожарот можеби бил предизвикан од прскалки прикачени на шишиња шампањ во внатрешноста на барот

Melike Pala  | 02.01.2026 - Обновена : 02.01.2026
 Идентификацијата на жртвите може да трае неколку дена по пожарот во швајцарскиот ски-центар, соопштија властите

БРИСЕЛ (AA) – Швајцарските власти денес соопштија дека идентификацијата на жртвите од смртоносниот пожар што избувна на новогодишната ноќ во преполн бар во ски-центарот Кран-Монтана може да потрае неколку дена, додека десетици семејства сè уште трагаат по исчезнати блиски, а многу од повредените се во критична состојба, јавува Анадолу.

Штефан Ганцер, член на Владата на кантонот Вале задолжен за безбедност, изјави дека „идентификацијата на телата на починатите може да трае неколку дена, па дури и подолго“, поради сериозноста на изгорениците, пренесе швајцарскиот весник на француски јазик „Ле Темпс“.

Италијанскиот амбасадор во Швајцарија, Џан Лоренцо Корнадо, исто така, изјави дека телата се „непрепознатливи поради обемот на изгорениците“, според италијанската новинска агенција АНСА.

Кантоналната полиција на Вале досега соопшти дека околу 40 лица го загубиле животот, а приближно 115 се повредени, повеќето од нив тешко, при што нагласи дека бројките се привремени и може да се сменат со напредувањето на процесот на идентификација.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани за италијанските медиуми изјави дека најмалку 47 лица загинале, а 112 се повредени, додавајќи дека идентификацијата ќе биде „особено сложена“. Според италијанските власти, шестмина италијански државјани се водат како исчезнати, а 13 се хоспитализирани.

Претседателот на Владата на кантонот Вале, Матијас Рејнар, за локалниот весник „Вализер Бот“ изјави дека најмалку 80 од повредените се во критична состојба.

Швајцарскиот јавен радиодифузер РТС објави дека Универзитетската болница во Лозана моментно лекува околу 13 возрасни и осум малолетници, сите со изгореници што зафаќаат повеќе од 60 отсто од телесната површина.

Болниците во Швајцарија се под силен притисок поради големиот број тешко повредени пациенти. Франција резервирала 19 болнички кревети за пациенти со изгореници за да им помогне на швајцарските здравствени служби, соопшти француската министерка за здравство Стефани Рист.

Помош понудиле и неколку други земји, меѓу кои Шведска и Северна Македонија. Дел од повредените веќе се пренесени на лекување во болници во Милано, Париз и Лион.

- Истрагата е во тек -

Властите во кантонот Вале отворија кривична истрага за инцидентот. Главната обвинителка Беатрис Пилу изјави дека водечката хипотеза е „општ пожар што предизвикал дефлаграција“, нагласувајќи дека ќе се проверува почитувањето на безбедносните стандарди, при што тероризмот е исклучен.

Сведоштвата, фотографиите и видеоснимките што кружат на социјалните мрежи укажуваат дека пожарот можеби бил предизвикан од прскалки прикачени на шишиња шампањ во внатрешноста на барот.

Противпожарни експерти за Би-би-си изјавија дека постои можност за појава на таканаречен „flashover“ – феномен при кој, поради високата температура, сите запаливи материјали во затворен простор се палат за неколку секунди.

Пожарот избувнал кратко по полноќ, по што била активирана масовна итна интервенција. Биле ангажирани десетици амбулантни возила и хеликоптери, а повредените биле транспортирани во болници низ Швајцарија и во странство, вклучително и во специјализирани центри за лекување изгореници.

Доцна синоќа на минусни температури стотици луѓе се собраа во тишина пред изгорениот бар „Констелација“ за да им оддадат почит на жртвите, палејќи свеќи и оставајќи цвеќиња, а полицијата ја обезбедуваше локацијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.