Fuat Kabakcı
28 Август 2018•Ажурирај: 29 Август 2018
ПЕКИНГ (АА) - Кина соопшти дека планира да ја укине политиката за планирање семејство, која вклучува ограничување од две деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави весникот „Народен дневник“, до Постојаниот комитет на Националниот народен конгрес на Кина доставен е нов нацрт-закон со кој се предвидува остранување на сето она што го содржи Законот за планирање семејство околу разводот на паровите и правото на второ дете.
Во веста се наведува дека правните експерти работат на закон кој во себе ќе содржи правни акти според кој во бракоразводните случаи, за да не дојде до прекин на брачниот статус, брачните партнери имаат време од еден месец наречен „период на смирување“ во кој можат да ја повлечат бракоразводната постапка.
Се очекува последната верзија на споменатиот нацрт-закон да биде разгледана на Годишниот парламентарен состанок закажан за март 2020 година.
Во мај кинеските експерти соопштија дека се планира целосно откажување на семејната политика на земјата и дека е прашање на време кога ќе се случи тоа.
Кинеската политика на семејно планирање и едно дете, спроведено по фази, стапи на сила 1970 година, со цел ставање под контрола на популацијата на земјата која брзо растеше, ограничувајќи ги семејствата што живеат во градовите на едно дете. Во руралните делови на земјата, семејствата чие првороденче е девојче имаа право на второ дете.
Во 2016 година, по укинувањето на „Политиката на едно дете“ што долги години беше спроведувана, во Кина се родија 17 милиони и 860 илјади бебиња, што претставува највисок просек од 2000 година наваму, но минатата година, и покрај политиката на второ дете, бројот на новороденчиња опадна.
Државниот совет на Кина минатата година објави извештај според кој до 2030 година се очекува четвртина од населението во оваа земја да бидат лица на возраст над 60 години.