Riyaz Khaliq Khaliq
23 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - По коментарите на американскиот претседател Џо Бајден за Тајван, Кина денес ја отфрли можноста за компромис и вети дека ќе преземе „одлучни активности за да го заштити својот суверенитет и безбедносни интереси“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За прашањата поврзани со суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, Кина нема простор за компромиси“, рече Ванг Венбин, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференцијата во Пекинг.
Претходно денес, Бајден на прес-конференцијата во Јапонија рече дека Вашингтон ќе интервенира воено доколку Кина употреби сила за да го преземе Тајван.
„Нашата политика кон Тајван воопшто не е променета. Остануваме посветени на мирот и стабилноста на Тајванскиот Теснец за да осигураме дека нема еднострана промена во статусот кво“, рече Бајден на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида во Токио.
Одговарајќи на прашањето дали САД би се вклучиле воено во Тајван доколку Кина употреби сила за да го преземе островот, Бајден одговори: „Да.“
„Тоа е обврската што ја презедовме“, додаде Бајден.
Сепак, Пекинг побара од Вашингтон сериозно да се придржува до принципот „Една Кина“ и трите заеднички коминикеа што ги потпиша со Кина.
Според кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“, Ванг истакнал: „Кина ќе преземе решителни активности за да го заштити својот суверенитет и безбедносни интереси“, додавајќи: „И ние ќе го направиме она што го кажавме.“
Односите меѓу Кина и САД се водени од Законот за односи со Тајван, американски закон од 1979 година, регулиран со она што е познато како Три коминикеа, според кои Вашингтон се придржува до таканаречената политика „Една Кина“, со Тајван како дел од континентална Кина.
Пекинг го смета Тајван, каде што живеат над 24 милиони луѓе, за своја „отцепена провинција“ и не ја отфрла можноста насилно да ја преземе контролата врз островот.
Тајпеј, сепак, инсистира на својата независност од 1949 година со воспоставени независни дипломатски односи со 14 држави.