Riyaz Khaliq Khaliq
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив (GCC) се движат кон воспоставување стратешко партнерство, според Министерството за надворешни работи на Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Двете страни се согласија дека условите за воспоставување стратешко партнерство помеѓу Кина и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив се зрели и дека двете страни ќе го забрзаат процесот за да ги подигнат билатералните односи на ново ниво“, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи откако министерот Ванг Ји оствари средба со генералниот секретар на Советот, Најеф Фалах Мубарак ал Хајраф во Кина.
Ал Хајраф и министрите за надворешни работи на земјите членки на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, Саудиска Арабија, Кувајт, Оман и Бахреин се на петдневна посета на Кина до петок.
„Советот за соработка и Кина“, се додава во соопштението, „треба да испратат позитивни сигнали на надворешниот свет и подобро да ги заштитат легитимните интереси на двете страни и заедничките интереси на регионалните земји“.
Истакнувајќи ја потребата од „прагматична соработка и зајакнување на мултилатералната координација“, Министерството соопшти дека четвртиот стратешки дијалог помеѓу Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив и Кина ќе се одржи наскоро во Ријад.
Тие ќе ја искористат можноста за „заеднички да го формулираат и потпишат Акциониот план за стратегиски дијалог во наредните три години, за да се внесе нова содржина и да се отворат нови области за билатерална соработка“, се додава во соопштението.
Двете страни, исто така, се согласија да ги завршат преговорите за Договорот на Кина и Советот за слободна трговија за „да ги споделат можностите на огромниот кинески пазар“.
Кина, најголемиот партнер за трговија на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив (ГЦЦ), исто така „ќе помогне земјите на ГЦЦ да станат логистички и транспортни центри и да привлечат повеќе странски капитал и технологии во регионот на Заливот за да се забрза разновидниот развој на земјите од ГЦЦ“.
Двете страни дискутираа за различни глобални прашања, меѓу кои и за иранскиот Договор за нуклеарната програма и конфликтот во Јемен, и ја истакнаа важноста на одржување на меѓународниот систем со Обединетите нации.