Fuat Kabakcı
23 Март 2019•Ажурирај: 24 Март 2019
ПЕКИНГ
На 21 март во кинеската провинција Џијангсу, сместена во источниот дел на Кина, се случи експлозија во хемиска фабрика. Бројот на загинати во оваа несреќа се искачи на 64 жртви, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кинеската национална телевизија објави дека во местото Шианшуи, во подрачјето на градот Јанчинг, во кинеската провинција Џијангсу, настанала експлозија во еден од погоните на хемиската фабрика „Jiangsu Tianjiayi Chemical Co“. Во веста се наведува дека бројот на загинати се искачил на 64, додека од експлозијата се повредени 617 лица.
Во четвртокот, во 14:48 часот по локално време во местото Шианшуи се случи експлозија, по која повредените беа префрлени на лекување во 16 градски болници. Се дознава дека е одреден идентитетот на 26 загинати лица, додека меѓу повредените, 94 се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Експлозијата предизвикала потрес од околу 2,2 степена, по што на местото на несреќата се упатиле 176 противпожарни екипи и околу 1.000 пожарникари. Во исто време се затворени околните училишта, а евакуирано е населението кое живеело во подрачјето во околината на фабриката. Експлозијата предизвика оштетување на 90 куќи.
Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг и премиерот Ли Кеќанг, по несреќата ги дадоа потребните инструкции за спасување на повредените и минимизирање на штетата, упатувајќи повик до соодветните државни министерства и механизми да бидат во координација да започнат сеопфатна истрага за несреќата и да извлечат поука од неа.
Според податоците наведени на интернет-страницата на хемиската фабрика „Jiangsu Tianjiayi Chemical Co“, таа е формирана 2007 година и произведува повеќе од 30 запаливи и отровни хемиски производи.
Во август 2015 година во пристанишното подрачје на кинескиот град Тјенцин се случи експлозија во логистички магацин во кој биле сместени опасни супстанции. Во експлозијата животот го загубија 173 лица.