Fuat Kabakcı
31 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
АНКАРА - Епидемијата на новиот тип на коронавирусот (2019-nCoV), што се појави во кинескиот град Вухан и забрзано се шири, досега одзеде 213 животи. Бројот на лица што се заразени од овој вид вирус се искачи на 9.692, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната комисија за здравство на Кина соопшти дека на целата територија на земјата од епидемијата на вирусот 2019-nCoV досега починале 213 лица.
Од вирусот се заразени 9.692 лица, од кои 1.527 се наоѓаат во тешка состојба. Бројот на оние за кои постои сомневање дека се заразени од вирусот изнесува 15.238 лица. Досега вкупно 171 лице се заздравени и пуштени од болница.
Вкупниот број на лица што се под надзор достигна бројка од 102.427. Освен тоа, бројот на откриени лица заразени од коронавирусот во Специјалниот Административен Регион Хонгконг изнесува 10, а во Специјалниот Административен Регион Макао 9 лица.
- 43 смртни случаи во последните 24 часа
Од 20 јануари досега има тенденција на забрзано ширење на коронавирусот и во текот на една недела се очекува епидемијата да го достигне својот врв. Во текот на последните 24 часа од коронавирусот животот го загубија 43 лица, а забележани се 1982 нови случаи.
Бројот на починати во кинеската провинција Хубеи, која е центарот на епидемијата, достигна 204 лица, а бројот на лица заразени од коронавирусот изнесува 5.806.
Од друга страна, провинции во кои се забележани голем број заразени од коронавирусот се Џеџјианг 537 случаи, Гуангдонг 393, Хинан 352, Хунан 332, Џиангши 240, Анхуеј 237, Шандонг 178, Сичуан 177, Џиангсу 168 и Фуџиен 101 случај.
Освен тоа, бројот на заразени во главниот град Пекинг достигна 121, во Шангај 128, во Чонгчјинг 206, додека во градот Тианџин се искачи на 31.
Во меѓувреме, според податоците на платформата „Моментална состојба во врска со епидемијата од новиот тип коронавирус на ниво на целата земја“, досега во светот се забележани 14 случаи во Тајланд, 11 во Јапонија, 10 во Сингапур, 9 во Австралија, 8 во Малезија, 6 во САД, по 5 во Франција и Германија, по 4 во Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати, 3 во Канада, по два случаја во Виетнам и Италија, и по еден случај во Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Финска и Индија.
- „Институциите што развиваат вакцини се борат со времето“
Премиерот на Кина, Ли Кечјианг, вчера изјави дека состојбата поради епидемијата на коронавирусот е тешка и сложена, истакнувајќи дека институциите што ја развиваат вакцината против оваа епидемија се борат со времето.
Ли изјави дека клучни точки во борбата со епидемијата се намалување на смртноста на заболените од коронавирусот и подобрување на ефектот на лекувањето.
Кинескиот премиер како „водач на работната група на централната власт во борбата против епидемијата на новиот тип на коронавирусот“ ја спроведува борбата и контролата против оваа епидемија.
Светската здравствена организација вчера прогласи вонредна состојба во меѓународното јавно здравство поради епидемијата на коронавирусот во Кина. Постојаниот претставник на Кина во Обединетите нации (ОН), Џанг Џун, во врска со тоа истакна во периодот во кој неговата земја се наоѓа во критична ситуација во борбата со коронавирусот, од многу големо значење е меѓународната солидарност.
- Епидемија на новиот тип коронавирус
Новиот тип на коронавирусот за првпат се појави на 12 декември минатата година во градот Вухан, кој се наоѓа во кинеската провинција Хубеи. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морски производи „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“.
Научните студии во Кина насочени за генезата на коронавирусот открија дека тој потекнува од видови на лилјаци и змии со потекло од Кина, по што до елиминирањето на епидемијата во земјата е забранета трговијата со диви животни.
Поради брзото распространување на вирусот од градот Вухан во другите кинески градови и провинции, од 22 јануари наваму, запрен е јавниот превоз во 17 помали и поголеми градови во провинцијата Хубеи, вклучувајќи го и градот Вухан.