Tufan Aktaş
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
АДИС АБЕБА (AA) - Претседателот на Кенија, Ухуру Кенијата, истакна дека во нападот извршен во хотел во Најроби животот го загубиле 14 невини лица, и дека сите напаѓачи се неутрализирани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кенијата, во изјавата за нападот извршен вчера, нагласи дека по нападот 700 цивили од хотелот и околината биле успешно евакуирани.
Тој информираше дека сите напаѓачи се неутрализирани и дека завршила кризата со заложници. „Ќе продолжиме да ги прогонуваме терористичките организации“, додаде Кенијата.
Побара од сите жители на Кенија да не ги заштитуваат милитантите и во случај да видат нешто за што се сомневаат, тоа да го пријават во полиција. „Досега во нападот животот го загубија 14 невини лица“, рече Кенијата.
Инаку, Ал-Шабаб вчера изврши напад во местото каде што се наоѓа хотелот „DusitD2“ во подрачјето на Вестленд во Најроби, каде што бомбаш самоубиец за време на судирот меѓу милитантите и полицијата влезе во хотелот и ја активираше бомбата што ја носел со себе.
Внимание привлече тоа што вчерашниот напад беше извршен на годишнината од нападот извршен во 2016 година во воената база на Кенија во Сомалија, каде животот го загубија околу 150 војници.
Ал-Шабаб во септември 2013 година изврши и напад врз трговскиот центар „Вестгејт“ во Најроби, во кој загинаа десетици цивили.