Serdar Bıtmez,Mehmet Nuri Uçar
26 Септември 2020•Ажурирај: 28 Септември 2020
ДОХА (АА) - Катар одби да го преземе претседавањето со Арапската лига по повлекувањето на Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако Палестина на 22 септември соопшти дека се повлекува од претседавањето со Арапската лига, во согласност со внатрешниот статут на Арапската лига, претседавањето му беше понудено на Катар.
„Упатуваме извинување поради тоа што не ќе можеме да ја продолжиме сесијата од која се повлече палестинската држава, додека сме посветени на правото на Катар за претседавање со состанокот што ќе се одржи во март 2021 година“, се вели во писменото соопштение на постојаниот претставник на Катар во Арапската лига.
Министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ел Малики, на прес-конференцијата одржана на 22 септември во Рамала, на окупираниот Западен Брег, истакна дека Палестина се повлекува од претседавањето со Лигата поради тоа што Генералниот секретаријат на Арапската лига, во спротивност со арапската мировна иницијатива, дал поддршка за Бахреин и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во однос на нормализирањето на односите со Израел.
„Не претставува чест поради тоа што гледаме дека за време на нашето претседавање арапските земји трчаат по нормализација со окупаторската држава“, рече Малики.
На состанокот на Арапската лига, организиран на ниво на министри за надворешни работи, на 9 септември преку видеоконференција под водство на Палестина, не беше донесена одлука за осудување на нормализацијата на односите со Израел.
Според палестинските дипломати, моќните арапски земји, кои имаат влијание, го спречиле донесувањето одлука за осудување на арапските земји од Заливот кои ги нормализираа односите со Израел во спротивност со арапската мировна иницијатива.