Ahmet Sait Akçay
02 Јули 2017•Ажурирај: 02 Јули 2017
ДОХА (АА) - Министерот за надворешни работи на Катар, шеикот Мухамед бин Абдурахман ал-Тани, изјави дека неговата земја ќе ги отфрли барањата кои на Доха ѝ ги испратија четирите арапски земји, јавува Anadolu Agency (AA).
„Катар ќе ја одбие листата од 13 барања, која ја составија Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, со цел да се обноват дипломатските односи со Доха. Овие барања не се во согласност со меѓународното право и правото на суверенитет на Катар“, изјави Ал Тани за новинарите во Рим.
Катар минатата сабота прими листа на барања од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет, осумнаесет дена откако ги прекинаа дипломатските односи со таа земја наметнувајќи ѝ ембарго.
Според медиумите, барањата, меѓу другото, се однесуваат и на затворање на медиумската мрежа „Al Jazeera“ (Ал Џезира), прекин на односите со Иран, затворање на турските воени бази во земјата и екстрадиција на терористите.
Овие земји бараат од Доха во рок од 10 дена да се исполнат нивните барања.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет и Јемен на 5. јуни ги прекинаа односите и ги блокираа границите на соседниот Катар кого го обвинуваат за наводна поддршка на тероризмот.
Властите на Катар ги негираат обвинувањата и ги оценија за неосновани тврдења кои се само изговор за блокада на Катар, а во саботата соопштија дека добиле листа на барања за да се стави крај на блокадата.