Катар: Иранските ракетни напади го намалија капацитетот за извоз на течен природен гас за 17 отсто
„Потврдувам дека нема повредени во овие неоправдани и бесмислени напади, кои не беа само напад врз државата Катар, туку и напад на глобалната енергетска безбедност и стабилност”
ИСТАНБУЛ (АА) - Катар соопшти дека иранските ракетни напади врз индустрискиот град, Рас Лафан, го намалиле капацитетот на земјата за извоз на течен природен гас (ТПГ) за 17 отсто, при што се очекува штетата да предизвика околу 20 милијарди долари годишни загуби на приходи, а за целосна санација ќе бидат потребни до пет години, јавува Анадолу.
Државната компанија „Катар Енерџи“ на платформата на американската компанија за социјални медиуми Икс, соопшти дека штетата е предизвикана од ракетни напади што го погодиле индустрискиот град во средата и вчера во раните утрински часови, влијаејќи на снабдувањето на пазарите во Европа и Азија.
„Потврдувам дека нема повредени во овие неоправдани и бесмислени напади, кои не беа само напад врз државата Катар, туку и напад на глобалната енергетска безбедност и стабилност”, изјави катарскиот министер за енергетски прашања и извршниот директор на „Катар Енерџи“, Саад Шериба Ал-Кааби.
Компанијата соопшти дека нападите ги оштетиле линиите за погон на ТПГ, 4 и 6, со комбиниран производствен капацитет од 12,8 милиони метрички тони годишно, што претставува околу 17 отсто од извозот на Катар.
Погонот 4 е заедничко вложување помеѓу „Катар Енерџи“, која поседува 66 отсто, и „ЕксонМобил“ со 34 отсто, додека Погонот 6 е во заедничка сопственост на „Катар Енерџи“ со удел од 70 отсто и „ЕксонМобил“ со 30 отсто, се наведува во соопштението.
Ал-Кааби со изјава дека за поправка на штетите врз објектите за ТПГ би биле потребни од три до пет години, што ја принудува компанијата да прогласи долгорочна „виша сила“ за одредени договори за испорака на течен природен гас.
„Влијанието е врз Кина, Јужна Кореја, Италија и Белгија. Ова значи дека ќе бидеме принудени да прогласиме ’виша сила’ во траење до пет години за одредени долгорочни договори за ТПГ“, изјави тој.
„Нападите беа насочени и кон објектот ’Перл ГТЛ’ , проект за споделување на производството управуван од Шел, кој го претвора природниот гас во горива со почисто согорување, како и во базни масла, парафини и восоци.“
„Катар Енерџи“ соопшти дека се очекува една од двете линии на Перл ГТЛ да остане вон функција најмалку една година, додека продолжуваат проценките на штетата.
Компанијата, исто така, предупреди на загуби во производството придружните производи поради прекинот во работата, вклучувајќи 18,6 милиони барели кондензат (околу 24 отсто од извозот на Катар), 1,28 милион тони течен нафтен гас (ТНГ), што е еднакво на околу 13 отсто од извозот, и 0,594 милиони тони нафта, што претставува околу 6 отсто од вкупниот извоз.
Исто така, се предвидува загуба од 0,18 милиони тони сулфур и 309,54 милиони кубни стапки хелиум, што претставува околу 6 отсто, односно 14 отсто од вкупниот извоз на Катар.
Развојот на настаните следи по американско-израелската заедничка офанзива врз Иран, од 28 февруари, во која досега се убиени околу 1,300 лица.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, заедно со Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив во кои се стационирани американски воени бази.
Претходно овој месец, „Катар Енерџи“ веќе прогласи ’виша сила’ за засегнатите купувачи, откако го прекина производството на ТПГ и сродните производи по нападите со ирански дронови.“
