Seyit Aydoğan
23 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
ТОРОНТО (АА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо истакна дека во Канада нема простор за исламофобија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националниот самит за исламофобија се одржа онлајн. На Самитот учествуваа голем број министри во Владата на Трудо, извршни директори на државни институции, лидери на муслимански невладини организации и учесници од различни слоеви на општеството.
„Да бидеме многу јасни, нема место за исламофобија во Канада. Сепак, оваа омраза не е нешто што може да се отстрани за еден ден“. рече премиерот Трудо во своето обраќање.
Наведувајќи дека на Националниот самит за исламофобија се состанале со водачите и организациите на муслиманската заедница и постигнале голем напредок, Трудо додаде:
„Идентификувавме конкретни начини со кои можеме да продолжиме да преземаме активности за заштита на Канаѓаните муслимани. Ја потврдуваме нашата посветеност да ја искорениме оваа омраза кога и каде и да се појави. Како Влада, инвестираме во заштита на џамии и центри на заедницата. Го уништуваме фанатизмот и радикализмот на интернет и ги забрануваме крајно десничарските групи. Ќе продолжиме да ја градиме Канада каде што сите ќе бидат добредојдени, безбедни и почитувани, заедно со канадските муслимани.“
Трудо, исто така, упати повик до институциите како што се Канадската служба за приходи и Канадската тајна служба, кои вршат инспекции на муслимански добротворни организации. „Владините институции, од Канадската служба за приходи до безбедносните институции, треба да ги поддржуваат граѓаните, а не да ги таргетираат.“
Потсетувајќи дека луѓето од сите групи и вери, особено муслиманите, треба да можат безбедно и слободно да шетаат по улиците, во трговските центри и јавните простори, канадскиот премиер Трудо рече дека ќе продолжат да ги преземаат потребните чекори за тоа.
Националниот совет на муслиманите на Канада (NCCM), кој прв ја објави идејата за свикување на Националниот самит за исламофобија и вложи големи напори за тој да се одржи, се очекува во наредните денови да подготви сеопфатна проценка на Самитот.