Esra Tekin, Mehmet Nuri Uçar
01 Декември 2023•Ажурирај: 03 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Монтасер Ал-Саваф, камерманот на Анадолу кој известуваше од Газа е убиен во израелските воздушни напади кои продолжија по еднонеделна пауза.
„Саваф, неговиот брат Мерван и други членови на семејството загинаа за време на израелските воздушни напади во населбата Ед-Дурџ во јужна Газа“, изјави за Анадолу Хасан Исмаме, братучед на новинарот.
Откако е тешко повреден во бомбардирањето, Ал-Саваф чекал брза помош околу половина час, раскажа Исмаме. Ал-Саваф потоа бил пренесен во Баптистичката болница Ал-Ахли со приватно возило откако не пристигнале медицински тимови, рече Исмаме.
Ал Саваф, заедно со неговиот брат и други роднини убиени во израелскиот напад потоа е погребан на гробиштата „Ал Батш“ во градот.
- Претседателот и извршен директор на Агенција Анадолу изрази сочувство -
Сердар Караѓоз, претседателот и извршен директор на Анадолу, го пренесе своето сочувство преку соопштение, осудувајќи го фактот дека до денес во израелските напади врз Газа убиени се 71 новинар.
„Во Анадолу ние се бориме да ја осигураме безбедноста на нашите колеги кои со голема посветеност ги извршуваат своите должности под исклучително тешки услови во Газа“, истакна Караѓоз.
„Во име на сите наши колеги кои ги загубија животите во нападите на израелската влада во Газа, вклучително и фриленсерот од нашата агенција Монтасер Ал-Саваф, ќе ја продолжиме нашата борба за одговорните за овие напади да бидат повикани на одговорност според меѓународното право“, додаде тој.
Караѓоз изрази сочувство до семејствата на сите новинари кои ги загубија животите во Газа.
„Денес, бомбите лансирани од израелската влада врз Палестина не само што паѓаат врз палестинските деца, болниците, училиштата, џамиите и црквите, туку и врз западните вредности, меѓународното право, човековите права и сè што се залага за доброто“, рече тој.
„Тоа ги урива овие вредности, а меѓународната заедница, која треба да ги поддржува овие вредности, е еден од главните губитници во Газа.“
Игнорирајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската војска рано утрово (петок) објави дека ги продолжила нападите во Појасот Газа, по завршувањето на хуманитарната пауза која траеше една недела.
Хуманитарната пауза започна на 24 ноември како дел од договорот меѓу Израел и палестинската група на отпорот, Хамас, за привремено прекинување на борбите за да се овозможи ослободување на заложниците и затворениците од двете страни, како и доставување на хуманитарна помош.
Над 15.000 Палестинци, претежно деца и жени, загинаа во израелските напади од 7 октомври. Според официјалните проценки, во Израел загинати се околу 1.200 Израелци.