Barış Gündoğan
08 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, реагираше на одлуката на австриските власти за затворање на седум џамии и протерување на имамите од оваа земја, и порача дека таа одлука има за цел маргинализација на муслиманските заедници и остварување политичка корист, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин преку социјалната мрежа Твитер реагираше на одлуката на австриските власти за затворање на најмалку седум џамии во таа земја, меѓу кои и една џамија на турската заедница, и протерувањето на имамите од оваа земја коишто се финансираат од странство.
„Австрија под евтини изговори затвора седум џамии и протерува имами, а сето тоа е последица на антиисламскиот, расистички и дискриминациско-популистички бран во таа земја“, порача Калин.
Тој додаде дека целта на одлуката за затворање на џамиите во Австрија е маргинализација на муслиманските заедници и остварување политичка корист. Калин, исто така, истакна дека идеолошкиот став на австриската Влада се коси со универзалните правни норми, со политиката на општествена усогласеност, правото на малцинствата, но и со моралот за соживот.
„Нормализирањето на исламофобијата и расизмот на ваков начин треба со сигурност да биде одбиено“, порача Ибрахим Калин, портпарол на Кабинетот на претседателот на Република Турција.