Barış Seçkin
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
РИМ (АА) - „Дипломатијата е клучот за смирување на тензиите меѓу Украина и Русија, бидејќи војната ќе резултира со катастрофални последици“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дијалогот треба да биде клучот за решавање на оваа криза. Сепак, очигледно е дека со голема загриженост ги следиме операциите на Русија на украинската граница“, рече Ди Мајо на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи во Брисел.
Мајо изрази надеж дека тензиите ќе се смират и дипломатското решение ќе надвладее, додавајќи дека војната ќе доведе до катастрофални последици во Европа.
„Италијанската амбасада во Киев ќе продолжи целосно да работи“, рече високиот дипломат и ги повика италијанските граѓани во Украина да ја напуштат земјата.
„Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) имаат фундаментална улога во Украина и 15 италијански набљудувачи извршуваат важна мисија таму“, рече Мајо.
Тензиите неодамна драстично се зголемија во источна Украина, со извештаи за зголемен број на прекршувања на примирјето, повеќекратни инциденти со гранатирање и евакуација на цивили од проруските отцепени региони Доњецк и Луганск.
Западните земји ја обвинија Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека таа би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негираше каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.