АНКАРА (АА)
– Семир СЕЈФОВИЌ
Бројката на мртви во Појасот Газа продолжува да расте од ден во ден, додека светот ја чека одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП) во случајот на тужбата што Јужноафриканската Република (ЈАР) ја поднесе против Израел за геноцид во блокираната палестинска енклава, известува Анадолу.
Повеќе од 24.600 Палестинци досега се убиени во израелските напади, а над 61.800 се ранети. Милиони раселени го преживуваат она што експертите на Обединетите нации (ОН) во средата повторно го нарекоа „геноцид во тек“, предупредувајќи дека жителите на Газа сега претставуваат 80% од сите луѓе кои се соочуваат со катастрофална глад ширум светот.
Јужноафриканската Република побара од МСП да ги запре овие убивања и разорувања што Израел ги спроведува во Појасот Газа од 7 октомври, поднесувајќи посебно барање за привремена мерка за запирање на смртоносната израелска кампања.
По завршувањето на рочиштето на 12. јануари, МСП објави соопштение во кое се наведува дека неговите судии ќе го започнат разгледувањето и дека нивната одлука ќе биде изречена на јавна седница, чиј датум ќе биде благовремено објавен.
Италијанскиот адвокат Тиерсисто Мариниело, кој беше на рочиштето во Хаг, за Анадолу рече дека одлуката на барањето на Јужноафриканската Република за привремени мерки ќе дојде порано, бидејќи тоа е она што процедурата го налага.
„Разговараме за итна постапка. Привремената мерка значи приоритет во однос на сите други предмети со кои се занимава МСП“, рече Мариниело, кој исто така, е дел од правниот тим кој ги застапува жртвите на Газа пред Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Тој потсети дека МСП претходно во предметите што се однесуваат на привремени мерки донесувал одлуки за само 8 дена.
„Значи, мислам дека одлуката за овој случај може да се очекува во февруари, ако не и порано“, рече Мариниело.
Уште еден фактор, на кој укажа Мариниело, е дека некои од судиите ќе бидат сменети во февруари поради редовното завршување на нивните мандати.
Во моментов на предметот работат 15 судии од Австралија, Бразил, Кина, Франција, Германија, Индија, Јамајка, Јапонија, Либан, Мароко, Русија, Словачка, Сомалија, Уганда и САД, заедно со по еден ад хок судија од Јужноафриканската Република и од Израел.
Судиите од Јамајка, Мароко, Русија и САД идниот месец си заминуваат од функцијата, а ќе ги заменат судии од Мексико, Романија, Јужноафриканската Република и од САД.
„Јас лично, без премногу нагаѓања, верувам дека одлуката ќе биде донесена пред смената на судиите“, рече Мариниело.
Италијанскиот адвокат додаде дека не треба од вид да се изгубат ниту потенцијалните интервенции во случајот од страна на трети држави, како што тоа веќе го најави Германија.
„Во врска со тоа, се поставува прашањето што ќе стори судот? Дали ќе ги прифати предлозите, повикувајќи ги да ги претстават своите сослушувања? Ќе видиме. За ова сега одлучуваат судиите“, рече Мариниело.
Обвинувањата што Јужноафриканската Република ги изнесе против Израел пред Меѓународниот суд на правдата се фокусирани на неколку главни „геноцидни дела“, вклучувајќи го и масовното убивање Палестинци, нанесување тешки ментални и телесни повредни, присилно раселување и блокада на основните потреби, потполно уништување на здравствениот систем во Газа и спречување на раѓање во Газа со блокирање на медицинскиот третман и помошта.
Одговорот на Израел беше фокусиран на неговото право на самоодбрана од Хамас, негирајќи дека има „геноцидна намера“ и тврдејќи дека се обидува да ја „минимизира“ цивилната штета, а во исто време, ја доведува во прашање и надлежноста на МСП да го води овој случај.
„Пријавите и аргументите на Јужноафриканската Република се многу, многу уверливи. Пријавата е солидна и дава доста силни докази во врска со сите елементи на геноцид“, рече Мариниело.
Тој, исто така, рече и дека особено многу важна работа е начинот на кој Јужноафриканската Република ги покажала изјавите на израелските политичари и воени лидери, и додаде дека сите тие биле „типични геноцидни изјави“.
„Израелската одбрана се обидува да ги потцени изјавите... додека Јужноафриканците јасно покажаа дека тие изјави добиле конкретно и ефикасно имплементирани во Газа“, рече Мариниело
Адвокатот Мариниело, кој е вклучен во случаите што во име на жртвите на Газа се поднесени пред МКС, многу е критичен кон недостатокот на посветеноста на Меѓународниот кривичен суд кога во прашање е Палестина.
„Мислам дека никој не може да го порекне она што можеме да го наречеме двојни стандарди по прашањето како Палестина и палестинските жртви се третираат од страна на меѓународната заедница, во споредба со другите случаи“, рече Мариниело, наведувајќи го како пример итноста што МКС ја покажа во врска со војната во Украина.
„Никогаш ниту имаше изјави, ниту кој било истражител од МКС некогаш ги посетил Израел или Палестина пред декември 2023 година. Палестинската истрага примаше најмал буџет меѓу сите активни истраги поднесени пред МКС, една четвртина од украинскиот буџет, што ви дава јасна слика за тоа што е приоритет за судот“, рече италијанскиот адвокат.
Наведувајќи дека се чини дека МКС малку го сменил својот пристап во текот на актуелниот судир откако обвинителот Карим Хан го посети градот Рафа, покажувајќи интерес за оваа истрага, Мариниело смета дека сѐ уште има многу јасни проблеми во ставот на обвинителот.
„Дури и кога Хан зборуваше за ова прашање, никогаш не го спомена контекстот во кој се одвива војната во Газа и не успеа да го поврзе насилството на доселениците со израелската државна политика“, рече Мариниело.
Италијанскиот адвокат Мариниело на крајот рече дека е загрижен дека овие двојни стандарди ќе продолжат да ги карактеризираат и идните истраги.
news_share_descriptionsubscription_contact
