Ahmed Asmar
19 Јануари 2024•Ажурирај: 23 Јануари 2024
ГАЗА (АА) - Палестинскиот фоторепортер Јусеф Абу Саид продолжува да ги документира израелските злосторства во Газа и покрај здравствените компликации предизвикани од ракот, јавува Анадолу.
„Немам примено хемотерапија од третиот ден на војната. Ракот го открив само еден месец пред избувнувањето на војната и примив само две дози третман, а резултатите беа позитивни“, изјави Абу Саид за Анадолу.
Тој додаде дека израелските воздушни напади врз болницата на Турско-палестинско пријателство, главната установа за лекување на ракот во Газа, оневозможиле болните од рак да добијат медицинска помош.

Директорот на болницата, Субхи Скаик, претходно изјави дека откако здравствената установа престанала со работа, 10.000 пациенти кои имаат рак живеат во нехумани услови поради недостаток на лекови и лекување.
„Страдањата од војната ги надминуваат страдањата на болните од рак, бидејќи нема простор да се размислува за болеста“, вели фоторепортерот Абу Саид.
Тој истакна дека немањето специјализирана болница за болните од рак го оневозможува адекватното лекување и ја влошува нивната здравствена состојба.
Абу Саид, исто така, напомена дека раселувањето особено ги погодува пациентите со рак и оние со слаб имунитет. Како што рече, луѓето во Рафа, на југот на Појасот Газа, живеат без соодветни здравствени услови.

Бројот на раселени Палестинци во Рафа се искачи на 1,3 милиони, а пред 7 октомври во тоа подрачје живееле околу 300.000 луѓе.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа на 7 октомври минатата година по прекуграничниот напад на Хамас во кој официјален Тел Авив тврди дека загинале околу 1.200 Израелци.
Најмалку 24.620 Палестинци се загинати, а 61.830 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство во опколената палестинска енклава.
Според Обединетите нации, 85 отсто од населението во Газа е внатрешно раселено, постои акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата е оштетена или уништена.