26 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
ЊУЈОРК (АА) - Независната истражителка на Обединетите нации (ОН), Агнес Каламард, изјави дека жали што ниту Саудиска Арабија, ниту генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) и телата што носат одлуки во ОН не презеле чекори криминалистички да се истражи командувачкиот синџир зад саудиската операција, која минатата година доведе до убиството на новинарот Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Агнес Каламард истакна дека нејзините наоди што во јуни ги презентираше пред Советот за човекови права во ОН, јасно покажуваат дека Кашоги е жртва на „планирано, организирано, добро осмислено и намерно вонсудско убиство за кое државата Саудиска Арабија мора да сноси одговорност“.
Во исто време на конференцијата за новинари што се одржа вчера посочи дека „тоа е навистина командувачки синџир кој мора да се открие“, кој наредил, поттикнал или затворил очи на 2 октомври 2018 година, пред убиството, а потоа и сечењето на парчиња на телото на Кашоги во Саудискиот конзулат во Истанбул.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
Деталите за бруталното убиство на саудискиот новинар Кашоги сѐ уште не се расветлени. Турското Обвинителство откри дека тој е брутално задавен по влезот во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен, а не дека го напуштил Конзулатот, како што првобитно тврдеа. Посмртните останки на Кашоги не се пронајдени.