Mahmoud Barakat
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
АНБАР (АА) - Силите на ирачката армија и локалните племиња го презедоа островот Хадита во северен Ирак од терористичката организација ДАЕШ, изјави денес воениот командант, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашите сили го ослободија островот, 160 километри западно од покраината Анбар“, изјави главниот генерал Ќасим ал Мохамади за АА.
Ослободувањето на островот се случи откако ирачките сили започнаа воена офанзива со цел ослободување на северното подрачје Ширкат и две други области во северната покраина Анбар од ДАЕШ.
„Нашите сили и борците на сојузничките племиња се движат кон ослободување на областа Ал Багдади од групата ДАЕШ“, изјави ал Мохамади.
Според изјавите на воениот командант, ирачките сили деактивирале голем број експлозивни направи и уништиле ракетни лансери на островот Хадита.
Тој изјави дека расчистувањето на островот од терористите на ДАЕШ ќе ја намали заканата од терористичката група во градот Хадита и областа Ал Багдади.
Безбедносната ситуација во Ирак е влошена уште од средината на 2014 година, кога ДАЕШ го зазеде Мосул – вториот најголем град по големина, заедно со голем број територии во западниот и во северниот регион на земјата.
Во последните месеци, ирачката армија поддржана од страна на воздушните напади на коалицијата предводена од САД и од локалните копнени сојузници, се труди да заземе поголем дел од територијата. Сепак, неколку делови од земјата остануваат под цврста контрола од терористичката група, вклучувајќи го и Мосул.
Ирачките официјални претставници во неколку наврати ветија дека ќе го заземат Мосул до крајот на годината.