Ekipa
15 Август 2020•Ажурирај: 16 Август 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денес го осуди договорот меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел за нормализирање на нивните односи, нарекувајќи го огромна грешка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Владетелите на Емиратите мислат дека ако им се приближат на Америка и на ционистичкиот режим (Израел), нивната безбедност ќе се подобри и нивната економија ќе расте“, рече Рохани за време на состанокот на Работната група за борба против коронавирусот. „Но, ова е тотално погрешно“, додаде тој.
Иранскиот лидер истакна дека договорот помеѓу ОАЕ и Израел е предавство на палестинската кауза.
Во четвртокот, американскиот претседател Доналд Трамп го објави договорот помеѓу ОАЕ и Израел, во потег да го спречи спорниот план на Израел за анексија на голем дел од окупираниот Западен Брег.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се првата земја од Заливот и третата арапска земја што има целосни дипломатски односи со Израел, по Египет и Јордан. Рохани рече дека договорот објавен во четвртокот е поврзан со ноемвриските избори во САД, бидејќи Трамп сака да добие втор претседателски мандат.
Рохани изјави дека се надева дека Емиратите ќе ја сфатат огромната грешка и погрешниот пат што го избрале, и ќе ја поништат одлуката.
Тој додаде дека допуштањето на израелскиот режим да придобие и една стапка земја во регионот би имало несакани последици.
„Ги предупредуваме да не го приближуваат Израел кон регионот“, рече Рохани. „Тоа би било една поразлична приказна и тие ќе бидат третирани на ист начин“.
Палестинските групи го осудија договорот, велејќи дека не придонесува ништо кон палестинската кауза и ги игнорира правата на палестинскиот народ. Мировниот договор на Обединетите Арапски Емирати со Израел е „предавничко забодување нож во грбот на палестинскиот народ“, се вели во соопштението на Хамас.