Muhammet Kurşun
05 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
ТЕХЕРАН
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Саид Хатибзаде, во врска со судирите во Нагорно Карабах истакна дека треба да се почитува територијалниот интегритет на Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хатибзаде на прес-конференцијата одржана во ова министерство говореше за судирите меѓу Азербејџан и Ерменија предизвикани од ерменската окупација на Нагорно Карабах.
Запрашан од страна на АА дали преку Иран е испратено оружје во Ерменија, Хатибзаде рече дека тоа и претходно го негирале.
„Иран е транзитна рута на Ерменија. Во рамки на добрососедските односи, посветени сме на ветувањето до ерменскиот народ и ерменската Влада дека оваа рута ќе се користи само за премин на хуманитарни производи. Во ниту еден случај не се дозволува преминот на воените возила“, рече Хатибзаде.
Тој истакна дека рутата меѓу Иран и Ерменија ќе продолжи да се користи само за хуманитарни производи, и додаде: „Никако нема да дозволиме да се злоупотребува рутата меѓу Иран и Ерменија и да се користи за воените возила. Тоа нема некоја контрадикторна страна со принципиелната политика на Иран.“
Хатибзаде упати апел за прекинување на ерменската окупација на Нагорно Карабах.
„Иран сака проблемот да се реши на постојан, а не на привремен начин. Постојаното решение за проблемот што продолжува веќе десетици години, е поврзано со почитувањето на територијалниот интегритет на Азербејџан и повлекувањето на воените сили од окупираните градови. Треба да се почитува територијалниот интергритет на Азербејџан и воените сили треба да се повлечат од окупираните градови. Треба веднаш да продолжат политичките преговори и да се стави крај на судирите“, истакна Хатибзаде.
Според него, Иран внимателно и со чувствителност ја следи ситуацијата во Нагорно Карабах.