Ekipa
03 Јануари 2018•Ажурирај: 03 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Иран е приведен државјанин на една европска земја кој учествувал на протестите во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според новинската агенција „Тасним“, обвинителот Хамид Риза Болхасани изјави дека е притворено лице, државјанин на една европска држава, кое учествувало во протестите во Боруџерди, град во провинцијата Лорестан во западниот дел на Иран.
Тој посочи дека лицето било обучено во разузнавачките центри во Европа, по што бил испратен во Боруџерди за да управува со протестите.
Не е наведено од која земја доаѓа уапсеното лице.
Командантот на Револуционерната гарда на Иран, Мухамед Али Џафери, претходно изјави дека се завршени масовните антивладини протести, кои во последните неколку дена се одржаа во неколку ирански градови.
Џафери за нередите ги обвини Саудиска Арабија, Израел и Соединетите Американски Држави.
Како одговор на антивладините протести, а на покана на иранските власти, денеска во неколку градови се одржаа собири за поддршка на официјален Техеран.
Во немирите за време на протестите во иранските градови, во изминативе шест дена загинаа најмалку 24 лица, а повеќе од илјада демонстранти беа уапсени.