Syed Zafar Mahdi
22 Февруари 2024•Ажурирај: 24 Февруари 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иран денес изјави дека продолжената израелска окупација на палестинските земји го крши правото на Палестинците на самоопределување, јавува Анадолу.
Говорејќи на сослушувањето на Меѓународниот суд на правдата (МСП), Реза Наџафи, заменик-министер за надворешни работи на Иран за правни и меѓународни прашања, рече дека пресудата на највисокиот суд на Обединетите нации (ОН) „може да ја постави основата за спасување на животите на илјадници невини жени и деца и да придонесе за легитимното барање на луѓето на кои со децении им е одземено нивното вродено право на самоопределување“.
Наџафи ги цитираше извештаите на ОН и Светската здравствена организација (СЗО) дека Палестинците во Газа трпат уништување со размери и брзина неспоредливи во поновата историја“, а децата се најтешко погодени.
Тој изјави дека палестинскиот народ „никогаш не го доживеал правото на самоопределување“ и дека постојат „правни последици“ за израелската окупација на палестинските територии.
Иранскиот претставник рече дека Израел „го прекршил и продолжува да го крши, по неколку основи, правото на Палестинците на самоопределување“.
Тој наведе низа мерки преземени од Тел Авив, како што се „продолжена окупација“, „промена на демографскиот состав на окупираните територии“, „промена на карактерот и статусот на светиот град Кудс (Ерусалим)“ и „повреда на правото на Палестинците на суверенитет над нивните природни ресурси“.
Иран го повика меѓународниот суд да ги потсети сите земји членки на ОН за нивните обврски според меѓународното право, вклучително и „да не му помагаат“ на Израел да ја продолжи својата „продолжена окупација“ на Палестина или практиките што го „кршат правото на самоопределување на палестинскиот народ“.
Тој повика на непризнавање на „незаконската ситуација како резултат на продолжената окупација“ и на ефективна соработка „за да се стави крај на секоја пречка што произлегува од континуираното кршење на правото на палестинскиот народ на самоопределување од страна на израелскиот окупациски режим“.
„Судот има важна улога. Сега нациите во светот очекуваат судот да го даде своето советодавно мислење на начин што ефективно и практично ќе го консолидира владеењето на правото на штета на владеењето на моќта и да им донесе надеж на Палестинците дека на крајот ќе победи правдата“, изјави иранскиот претставник.
Јавните сослушувања започнаа во понеделникот во Хаг по барање на Генералното собрание на Обединетите нации за советодавно мислење за правните последици што произлегуваат од политиката и практиките на Израел на окупираните палестински територии.