свет

Иран ги отфрли обвинувањата на САД за нападите во Саудиска Арабија

„Техеран стои зад речиси 100 напади во Саудиска Арабија, додека Рохани и Зариф се преправаат дека се вклучени во дипломатија“, истакна Помпео

Gözde Bayar  | 15.09.2019 - Обновена : 16.09.2019
Иран ги отфрли обвинувањата на САД за нападите во Саудиска Арабија

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео го обвини Иран за вчерашните напади на саудиските нафтени постројки, што официјален Техеран ги отфрли, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Техеран стои зад речиси 100 напади во Саудиска Арабија, додека Рохани и Зариф се преправаат дека се вклучени во дипломатија“, напиша Помпео на својот профил на Твитер.

Помпео додаде дека нема докази дека нападите се изведени од со војна зафатениот Јемен, иако одговорноста за нападите ја презедоа јеменските бунтовници Хуси.

Неколку часа по обвинувањата на американскиот државен секретар се огласи и иранското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека тоа се слепи и празни коментари.

„Американците ја усвоија политиката на максимален притисок против Иран која, поради својот неуспех, се стреми кон максимални лаги“, рече гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Иран, Абас Мусави.

Саудиска Арабија утрово соопшти дека поради вчерашните напади ја прекинува работата на нафтените постројки на компанијата „Арамко“ (Aramco) во Абкаик и Кураис.

Јемен е средиште на судири и насилства од 2014 година, кога Хусите, кои ги поддржува Иран, презедоа голем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Судирите ескалираа кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници почнаа со спроведување воздушни напади против Хусите во Јемен, поддржувајќи ја просаудиската власт.

Според Обединетите нации (ОН), од 2016 година загинале над 70.000 луѓе.

Покрај тоа, воздушните напади на Саудиска Арабија, во настојување да ја поддржат власта, доведоа до смрт на десетици цивили во Јемен.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.