Syed Zafar Mahdi
13 Ноември 2025•Ажурирај: 14 Ноември 2025
ТЕХЕРАН (АА) – Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, пратил официјално писмо до челниците на ОН, во кое ги обвинува САД дека диригирале со израелскиот напад врз Иран.
Во писмото, пратено до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и претседателот на Советот за безбедност, Вашингтон се смета за одговорен за нападот извршен на 13 јуни, кој предизвика 12-дневна војна меѓу двете држави непријатели.
Писмото следуваше по неодамнешната изјава на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој рече дека бил „потполно задолжен“ за израелскиот напад врз Иран.
Арагчи ги нарече изјавите на Трамп доказ за американска улога и контрола врз, како што ги опиша, нелегалните дејства на Израел, при кои се убиени над 1.000 лица во Иран, меѓу нив и високи воени команданти и водечки нуклеарни научници.
Според писмото, нападите биле извршени во спротивност на член 2 од Повелбата на ОН и вклучувале неселективни напади врз цивили.
Меѓу целите, според наводите, биле болници, амбулантни возила, државниот радиодифузен сервис, затвори и енергетска инфраструктура, вклучително и нуклеарни постројки под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Арагчи нагласи дека овие дејства не претставуваат само прекршување на Повелбата на ОН, туку и на заклучните документи на конференциите за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), како и на резолуциите на МААЕ 444 и 533 и Резолуцијата 487 на Советот за безбедност на ОН од 1981 година.
Во писмото иранскиот министер истакнува дека одговорноста за нападите не ја носи само Израел, туку и САД, кои, според него, „вршеле насока и контрола“ врз израелските операции.
Арагчи бара Владата на САД целосно да го обесштети Иран за материјалната и моралната штета, да ја врати ситуацијата во претходна состојба и да исплати надоместок во согласност со меѓународното право.
Тој предупреди дека Трамп и другите американски официјални претставници вклучени во нападот може да се соочат со индивидуална кривична одговорност за, како што наведе, тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително агресија, напади врз цивили, жени, деца, научници, новинари и заробеници, како и намерно напаѓање воени лица надвор од борбени зони.
„Иран го задржува своето право да ги користи сите правни механизми за да ги повика државите и поединците на одговорност и да обезбеди надоместок на штетата предизвикана за време на војната“, се вели во писмото.
Од јуни наваму тензиите меѓу Техеран и Вашингтон драматично се зголемија, при што нуклеарните преговори се ставени во застој.
Иран инсистира дека разговорите ќе продолжат доколку САД дадат гаранции дека процесот нема да биде повторно прекинат, а Вашингтон бара директни преговори за иранската нуклеарна програма, тврдејќи дека иранската нуклеарна инфраструктура претрпела непоправлива штета во текот на американските напади врз три клучни нуклеарни објекти во Иран за време на 12-дневната војна.