свет

Северните и балтичките земји најавија нов пакет воена поддршка за Украина вреден 500 милиони долари

- „Обединети сме во стремежот кон одржлив и праведен мир, во целосна почит на суверенитетот на Украина и легитимните аспирации на нејзиниот народ“, се наведува во соопштението.

Necva Taştan Sevinç  | 13.11.2025 - Обновена : 13.11.2025
Северните и балтичките земји најавија нов пакет воена поддршка за Украина вреден 500 милиони долари

ИСТАНБУЛ (АА) – Министрите за одбрана од северните и балтичките земји, заедно со министерката за надворешни работи на Исланд, денес најавија заеднички придонес од 500 милиони долари за воените потреби на Украина, јавува Анадолу.

По средбата во Хелсинки, министрите од Данска, Естонија, Финска, Летонија, Литванија, Норвешка и Шведска, како и шефицата на дипломатијата на Исланд, издадоа заедничка изјава во која нагласија дека безбедноста на Украина е „фундаментална за европската безбедност“.

„Обединети сме во стремежот кон одржлив и праведен мир, во целосна почит на суверенитетот на Украина и легитимните аспирации на нејзиниот народ“, се наведува во соопштението.

Земјите се обврзаа на долгорочна, предвидлива и координирана воена поддршка, која ќе опфати развој на капацитети, одбранбено-индустриска соработка и зајакнување на способноста на Украина да ја одврати идната руска агресија.

Како дел од овие напори, групата најави придонес од 500 милиони долари во рамките на иницијативата Листа на приоритетни барања за Украина (PURL) – механизам што овозможува набавка на клучна американска одбранбена опрема за Украина.

Министрите посочија дека пакетот „директно ќе придонесе за отпорноста и одбраната на Украина од руската агресија“, додавајќи дека оваа иницијатива е само една од многубројните форми на поддршка што северните и балтичките земји продолжуваат да му ги обезбедуваат на Киев.

Осудувајќи ја целосната руска инвазија, во изјавата се наведува дека војната на Москва претставува „долгорочна закана за европската безбедност, за трансатлантската заедница и за меѓународниот поредок заснован врз правила“.

„Нема да дозволиме ова да успее. Безбедноста на Украина е директно поврзана со нашата“, порачаа министрите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.