Syed Zafar Mahdi
20 Мај 2024•Ажурирај: 21 Мај 2024
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери Кани е назначен за вршител на должноста шеф на дипломатијата по смртта на министерот за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан во хеликоптерската несреќа во северозападен Иран, јавува Анадолу.
Владиниот портпарол Али Бахадори Џахроми рече дека Кани привремено ќе го води Министерството за надворешни работи.
Тој истакна дека одлуката е донесена на вонредната седница на Кабинетот денес.
Кани, кој ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи за политички прашања од 2021 година и главен преговарач за нуклеарната програма, ќе ја извршува функцијата додека не се одржат нови избори за 50 дена, според законот на земјата.
За тоа време советот составен од првиот потпретседател, претседателот на Парламентот и шефот на правосудството ќе треба да реализираат одржување на нови избори.
Кани стана познат за време на маратонските преговори меѓу Иран и западните земји во австрискиот град Виена, со цел да се спаси нуклеарниот договор од 2015 година.
Џахроми рече дека Кабинетот одлучил дека најдобриот начин да им се оддаде почит на претседателот Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Амир-Абдолахијан е „да се продолжи по патот“ на двајцата загинати лидери.
Мухамад Мохбер, кој претседаваше со состанокот на Владата во својство на привремен претседател, вчера формира шест извршни комисии за управување со работите на Владата, рече Џахроми.
За време на денешниот состанок тој рече дека овие комисии ги презентирале своите извештаи.
Исто така, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, прогласи петдневна национална жалост поради смртта на претседателот и министерот за надворешни работи.
Тој ја пофали работата на двајцата официјални претставници, велејќи дека тие неуморно работеле за Иран.