Afra Aksoy
21 Јуни 2017•Ажурирај: 21 Јуни 2017
МОСУЛ (АА) - Во ирачките градови Мосул и Тикрит се убиени 23 милитанти, членови на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Мајорот Јасир ет-Темини во изјавата дадена за АА посочува дека милитантите на ДЕАШ извеле напад врз подрачјето Хамра, во областа Тикрит, која е под контрола на армијата.
„Дојде до голема оружена пресметка, откако околу 20 милитанти, од кои поголемиот дел носеа експлозив на себе, извршија напад. Армиските единици и силите на Хашди Шаби успеаја да го одбијат нападот. Животот го загубија 10 бомбаши-самоубијци, а загинаа 12 милитанти“, изјави мајорот Темини.
Од друга страна, ирачките сили изведоа воздушен напад на улицата „Баб Лекеш“, во западниот дел на Мосул, во којшто цел беа позициите на ДЕАШ.
Генералот Хемам Бешар еш-Шахмани, командант на ирачките воздухопловни сили, изјави дека по добиените разузнавачки информации, авионите од типот „F-16“ ја бомбардираа зградата на Секторот за комерцијална контрола.
„Во нападот загинаа 11 милитанти на ДЕАШ. Меѓу загинатите има двајца странски државјани и тројца снајперисти. Истовремено, неупотреблива е муницијата на организацијата складирана во објектот“, додаде тој.
Шахмани рече дека во потполност е урната зградата во којашто биле сместени милитантите. „Нападите што милитантите ги изведуваа од овој објект, создаваа застој во напредувањето на армиските единици во операциите што се во тек. Беше потребно итно да се реагира“, истакна тој.
Генерал Шахмани рече дека по воздушниот напад, армиските единици продолжиле да напредуваат во своите операции, ослободувајќи од блокада околу 65 ирачки семејства.
Ирачките сили, во рамките на борбата против ДЕАШ на ниво на целата земја, во октомври минатата година ја започнаа операцијата за ослободување на Мосул. Кон крајот на јануари, ирачките сили во потполност ја презедоа контролата врз источниот дел од градот. Од 19 февруари наваму, во тек се операции во западниот дел на градот, за кои се вели дека се во последната фаза.