Emre Gürkan Abay
15 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
МОСКВА (АА) - Амбасадорот на Ирак во Москва, Ајдар Мансур Хади, истакна дека Владата на Ирак донела одлука за купување на воздушниот одбранбен систем „S-400“ од Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Хади на прес-конференција во рускиот главен град, Москва, истакна дека посакуваат руските компании да ги зголемат инвестициите во Ирак.
Тој нагласи дека со руските компании водат успешна соработка особено во секторот за нафта и природен гас.
„Во Ирак постојат инвестиции на „Лукоил“, „Башнефт“, „Роснефт“ и „Гаспром“. Инвестициите на „Лукоил“ во Ирак изнесуваат над 9 милиони долари. Постои желба за зголемување на овие инвестиции до 30 милиони долари“, додаде Хади.
Ирачкиот амбасадор во Москва се осврна и на преговорите меѓу Ирак и Русија во врска со купувањето на „S-400“. „Владата на Ирак донесе одлука. Сака да го купи „С-400“, но сè уште не постои некоја мапа на патот во оваа насока“.
Запрашан дали е можно Соединетите Американски Држави (САД) да го спречат купувањето на „S-400“ од страна на Ирак, Хади одговори: „Постојат потребни дипломатски канали во оваа насока“.
Инаку, Виктор Бондарев, претседател на Комитетот за одбрана и безбедност на Руската Федерација, пред извесно време истакна дека Ирак се наоѓа меѓу потенцијалните земји кои би можеле да го купат системот „S-400“.