Ekipa
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграција на ОН (ИOM), денес соопшти дека оваа година над 600.000 раселени Сиријци се вратиле во своите домови. Во соопштението се додава дека ова е растечки тренд, но ситуацијата сѐ уште не е одржлива, јавува Anadolu Agency (AA).
Оливија Хедон, портпаролка на ИОМ, рече дека од јануари до јули 2017 година се евидентирани 602.759 лица кои се вратиле во Сирија, и ако се продолжи со слична динамика, се очекува бројот на повратниците да надмине 685.000, колку што имаше во текот на 2016 година.
Сепак, таа предупреди дека бројот на повратниците е помал од бројот на раселени лица оваа година, кој изнесува речиси 809.000.
ИОМ наведе дека од нивните партнерски организации две третини од враќањата се регистрирани во северниот дел на Алепо, град во којшто владините сили во текот на минатата година ја презедоа контролата од бунтовниците.
Најголем број од испитаниците, 27 проценти, како причина за враќањето ја навеле заштитата на својот имот, а една четвртина подобрувањето на економската ситуација.
Меѓу овогодишните повратници во своите домови, дури 85 отсто се внатрешно раселени лица, а останатите се вратени од странство.