Muhammet Nazım Taşcı
08 Февруари 2024•Ажурирај: 09 Февруари 2024
ИСЛАМАБАД (АА) - Најмалку 7 припадници на силите за безбедност се убиени во три одвоени напади за време на гласањето на изборите што се одвиваат во Пакистан, известува Анадолу.
Неименуван безбедносен извор за Анадолу изјави дека полицаец е убиен во вооружен напад извршен од страна на непознати напаѓачи на гласачко место во дистриктот Кот Азам во пакистанската провинција Хајбер-Пахтунва.
По нападот гласањето е прекинато на тоа гласачко место кое се наоѓа во регион близу границата со Авганистан.
Уште четири полицајци се убиени денес во бомбашки напад врз полициска патрола во местото Дера Исмаил Кан, во провинцијата Хајбер-Пахтунва.
Третиот напад се случи во провинцијата Белуџистан. Во овој напад животот го загубија двајца пакистански војници откако нивното возило ја активирало експлозивната направа поставена на патот.
Во Пакистан денес се одржуваат парламентарни и регионални избори, а власта претходно најави дека од безбедносни причини ќе ги затвори границите со Иран и Авганистан за време на изборите.