свет

Инвестицискиот форум Албанија - Турција 2025 се одржува во Тирана

- „Овој економски самит не е само платформа за дискусија за инвестиции, туку и живописен одраз на блиските и стабилни односи меѓу нашите две земји, Албанија и Турција“, рече министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку

Dzihat Aliju  | 17.10.2025 - Обновена : 17.10.2025
Инвестицискиот форум Албанија - Турција 2025 се одржува во Тирана

ТИРАНА (АА) - Инвестицискиот форум Албанија - Турција 2025 се одржува во Тирана, главниот град на Албанија, известува Анадолу.

На форумот, организиран во соработка со Здружението на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) и Албанската агенција за развој на инвестиции (АИДА), присуствуваат и потпретседателот на Турција, Џевдет Јилмаз, вицепремиерката на Албанија и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку и министерката за економија и иновации Делина Ибрахимај.

Албанскиот премиер Еди Рама упати видеопорака на настанот, нагласувајќи ја важноста на односите меѓу Турција и Албанија.

Во својата порака, Рама рече:

„Албанија и Турција се две раце што ракоплескаат заедно со историја на пријателство и партнерство“.

Зборувајќи дека Албанија и Турција се поврзани со силен стратешки однос и единствена историја на пријателство, министерката Балуку додаде:

„Секогаш сме оделе рамо до рамо со нашите турски браќа и сестри и секогаш сме ги отворале вратите на нашите срца еден кон друг. Пред сè, никогаш не сме имале предрасуди едни кон други во однос на традициите, обичаите и верувањата.“

Балуку рече дека тие се на форумот за понатамошно зајакнување на мостовите на соработка, истражување на нови инвестициски можности и внесување нов живот во економските односи, и додаде дека Албанија поседува динамичен пазар.

„Овој економски самит не е само платформа за дискусија за инвестиции, туку и живописен одраз на блиските и стабилни односи меѓу нашите две земји, Албанија и Турција“, рече Балуку.

Повикувајќи ги турските бизнисмени да инвестираат во нејзината земја, Балуку изјави дека беспилотните летала „Бајрактар ​​ТБ2“ во Албанија не се користат само за воени цели, туку ќе можат да се користат и во многу други сектори.


- Турција е еден од најважните трговски партнери на Албанија

Ибрахимај истакна дека историските односи меѓу двете земји се темелат на меѓусебна доверба и почитување.

Посочувајќи дека односите меѓу двете земји продолжуваат да се развиваат со соработка и партнерство што ги поврзува луѓето, идеите и бизнисите, Ибрахимај рече:

„Турција не е само близок сојузник на Албанија, туку и пријателска земја што е еден од нејзините најважни трговски партнери“.

Ибрахимај истакна дека нејзината земја станала многу попривлечна за странските инвеститори во последните години, додавајќи дека Турција е на врвот на листата на странски инвеститори кои инвестирале во Албанија во последните шест месеци.

Претседателот на МУСИАД, Бурхан Оздемир, изјави дека програмата е организирана за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји и им се заблагодари на учесниците.

Оздемир го нагласи историскиот карактер на односите меѓу двете земји и истакна дека во Албанија има речиси 1.000 турски компании.

Потенцирајќи дека Турција под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган е глобален играч, Оздемир рече:

„Нашата земја го гледа Балканот како стратешки центар и му придава големо значење на придонесот на Албанија кон регионалниот мир“.

Оздемир најави и дека банката Зираат наскоро ќе започне со работа во Албанија.


- На форумот ќе бидат организирани панел-дискусии за туризам, земјоделство и храна, градежништво и информациски и комуникациски технологии

Зборувајќи на форумот, претседателот на МУСИАД Албанија, Мухамет Ишлер, и директорката на АИДА, Лаура Плаку Саро, го изразија своето задоволство од организацијата на програмата.

На форумот присуствуваа и амбасадорот на Турција во Тирана, Тајар Каган Атај, заменик-министерот за индустрија и технологија на Турција, Четин Али Донмез, заменик-министерот за трговија Озгур Волкан Агар, заменик-министерот за култура и туризам Сердар Чам, заменик-министерот за земјоделство и шумарство, Ебубекир Гизлигидер, и пратеничката на АК Партијата за Едрене и претседавач со меѓупарламентарната група за пријателство Турција - Албанија, Фатма Аксал.

Во меѓувреме, на форумот ќе бидат одржани и панел-дискусии за туризам, земјоделство и храна, градежништво и информациски и комуникациски технологии.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.