свет

Илјадници луѓе во Италија маршираа во знак на поддршка на Палестина и Глобалната флотила Сумуд

Демонстрантите извикуваа слогани како „Слобода за Палестина“, „Нашите градови со Палестина“, „Стоп на геноцидот“, „Ослободете ја Палестина од реката до морето“ и „Интифада“, протестирајќи против нападите и блокадата на Газа од страна на Израел.

Barış Seçkin  | 04.09.2025 - Обновена : 04.09.2025
Илјадници луѓе во Италија маршираа во знак на поддршка на Палестина и Глобалната флотила Сумуд

РИМ (АА) - Илјадници луѓе во јужниот италијански град Катанија маршираа во знак на поддршка на Палестинците и на Глобалната флотила Сумуд, која тргна од Шпанија кон Газа со цел да ја пробие израелската блокада, известува Анадолу.

Илјадници се собраа во пристаништето Катанија, во источна Сицилија, собирно место за бродовите коишто ќе ѝ се приклучат на Глобалната флотила Сумуд од Италија. Оттука тие маршираа кон центарот на градот, мавтајќи со палестински знамиња и држејќи транспаренти со пароли за поддршка на Палестина и флотилата.

Поддржувачите на Палестина маршираа низ Катанија, собирајќи се на местото на митингот организиран на плоштадот Федерико ди Свевија.

За време на маршот, демонстрантите често извикуваа слогани како „Слобода за Палестина“, „Нашите градови со Палестина“, „Стоп на геноцидот“, „Ослободете ја Палестина од реката до морето“ и „Интифада“, протестирајќи против нападите и блокадата на Газа од страна на Израел.

Зборовите „Газа, доаѓаме“ беа проектирани на екран на просторот на кој се одржа митингот.

Еден од организаторите на маршот, член на студентските колективи, во својот говор рече дека 15.000 луѓе учествувале на маршот.

Еден активист изјави: „Правиме многу малку. Треба да направиме повеќе за да го спречиме овој геноцид.“

Друг активист, нагласувајќи ја важноста на Глобалната флотила Сумуд, рече: „Нашите срца чукаат со нашите пријатели кои ќе тргнат од ова пристаниште и кои се движат од разни медитерански пристаништа за да ја пробијат блокадата на Газа и да им донесат помош на оние кои денес останаа гладни и жедни во Палестина. Им испраќаме порака за солидарност. Нашата порака во исто време е и дека ќе се бориме. Денес организиравме извонредни демонстрации. Утре ќе се вратиме на нашите работни места, училишта, универзитети и секојдневни рутини. Можеби на тој начин сакаат да го вратат тоа во нормала, но не може да има враќање во нормала кога десетици илјади луѓе се убиваат.“

Се очекува бродовите од пристаништата во источна Сицилија што ќе се приклучат на Глобалната флотила Сумуд од Италија да ги завршат подготовките до недела, 7 септември, да се сретнат со оние што тргнаа во неделата од Барселона, Шпанија, и заедно да продолжат кон Газа.


- Глобална флотила Сумуд

Бродовите кои припаѓаат на меѓународната флотила за цивилна помош, Глобалната флотила Сумуд, формирана со поддршка на повеќе од 44 земји со цел изразување солидарност со Палестина и пробивање на израелската блокада, испловија од Барселона, Шпанија, кон Газа на 31 август. Истиот ден, неколку бродови што носеа вкупно 300 тони помош од Џенова, Италија, испловија во Медитеранот за да се приклучат на Глобалната флотила Сумуд.

Сумуд, што на арапски значи „решителност“ или „непоколеблива решителност“, меѓу палестинскиот народ еволуираше во концепт кој го опишува угнетувањето и отпорот по Шестдневната војна од 1967 година. Сумуд ја означува потребата Палестинците да останат на своите земји, да го зачуваат палестинскиот идентитет и култура и да бараат начини да се спротивстават на окупацијата и да изградат алтернативни институции преку ненасилна граѓанска непослушност. Во Палестина се користат маслиново дрво и бремена селска жена за да се прикаже овој концепт.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.