Sinan Doğan
30 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
БОГОТА
Илјадници луѓе организираа антивладини демонстрации во Колумбија, и покрај најавата на Националниот комитет за штрајк на 16 јуни дека ги прекинува протестите за одреден период, известува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите, кои излегоа на улиците во главниот град Богота и во градовите Меделин, Пасто, Переира, Баранкилја и Сантандер де Киличао, протестираа против владините политики.
Во текот на протестите во кои активистите во главниот град Богота изведуваа мирни маршеви по најфреквентната улица низ градот, настанаа тензии меѓу полицијата и демонстрантите откако некои групи запленија 12 возила за јавен превоз кои ѝ припаѓаа на општината.
- Полициска интервенција во Меделин
Откако демонстрантите оштетија јавни згради и приватни имоти во Меделин, вториот по големина град во земјата, Колумбиската единица за контрола на немирите ЕСМАД интервенира со солзавец.
На протестите одржани во градовите Баранкилја и Сантандер де Киличао, демонстрантите ја срушија статуата на европскиот морепловец и истражувач Кристофер Колумбо, по кого е именувана државата.
На крајот на денот, откако беа оштетени 13 автобуси, семафори и некои јавни згради во настаните за време на протестите, полицијата приведе дел од демонстрантите.
- Досега на протестите загинаа 58 лица
Според последниот извештај за демонстрациите објавен од страна на Канцеларијата на народниот правобранител на Колумбија, досега животот го загубија 58 лица, од кои двајца полицајци, а повеќе од 2.000 лица се повредени.
Организацијата за човекови права „Темблорес“, со седиште во Богота, во своето соопштение објавено на 8 јуни информира дека полицијата била директно вклучена во смртта на 45 лица на протестите.
Демонстрациите против даночните реформи во Колумбија, кои започнаа на 28 април со повикот за „национален штрајк“ на синдикатите, локалните заедници, студентски групи и разни опозициски групи, во почетокот беа мирни и ненасилни, за подоцна, откако се проширија во десетици градови низ земјата, да прераснат во насилни.
По ваквиот развој на настаните, претседателот Иван Дуке на 2 мај одржа прес-конференција на која соопшти дека е одлучено да го повлечат Нацрт-законот за даночни реформи, кој имал за цел да собере повеќе даноци од населението.
Честото затворање на автопатите и поставените барикади од страна на активистите во земјата, предизвика финансиски тешкотии за трговските претпријатија, поради кои дојде до покачување на цените во маркетите.
Меѓу барањата на демонстрантите се наоѓаат барањата за обезбедување на сите демократски гаранции и слободи за основно право на протест, распуштање на Колумбиската единица за контрола на немирите ЕСМАД, како и воспоставување на национална маса за дијалог на која ќе се преговара за сите проблеми во земјата.
Демонстрантите бараат полицијата да биде дел од Министерството за внатрешни работи, а не на Министерството за одбрана.