Alperen Aktaş
12 Септември 2024•Ажурирај: 13 Септември 2024
РАМАЛА (АА) - Израелските сили денес извршија рација во болница на окупираниот Западен Брег, при што приведоа повреден Палестинец, јавува Анадолу.
Очевидци изјавија дека војниците, маскирани како цивили, влегле во Општата болница „Махмуд Абас“ во Халхул, северно од Хеброн, на окупираниот Западен Брег.
Тие привеле повреден Палестинец чиј идентитет и здравствена состојба се непознати.
Според палестинската државна новинска агенција Вафа, израелските сили извршиле рација и во градот Хусан во Витлеем, при што го привеле 17-годишниот Ибрахим Хамамира.
На враќање од работа во автопералница тој, наводно, бил нападнат од израелските сили, при што се здобил со изгореници од цигари, други рани и модринки на различни делови од телото поради тортура. По ослободувањето бил однесен во болницата „Беит Џала“.
Израелските војници, исто така, фрлиле солзавец врз Палестинците кои протестирале против рацијата во Хусан, при што многумина биле погодени од гасот.
Во посебна рација во Тубас израелските сили привеле 11 лица, а во Наблус Израелците, кои окупираа палестинска земја, со камења нападнале палестински возила во близина на селото Бурин.
Дневниот весник „Једиот Ахронот“ објави дека Зви Сукот, крајно десничарски член на Верската ционистичка партија, извршил упад во болничката соба на Палестинецот Хајил Дејфалах во Ерусалим. Дејфалах бил вклучен во напад со автомобил во близина на населбата Гиват Асаф источно од Рамала.